Сериозни критики се наведени во годишниот извештај на Европската комисија за Македонија. Забелешките на Брисел се движат од судските преку реформите во јавната администрација и справувањето со корупцијата до силната поделеност и партизираност во работата на парламентот.

Извештајот ги потврди ексклузивните информации кои ги објави Радио Лидер дека се работи за најлош извештај добиен досега од Европската Комисија.

Судскиот систем и борбата против корупцијата се оценети дека се наоѓаат меѓу „некакво и умерено ниво на подготвеност“.

Не беше постигнат никаков напредок во борбата против корупцијата. Корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачко прашање. Се зголемија одложувањата и превртувањата на судењата на случаите на корупција на високо ниво, што резултираше со истекување на рокот на застареност на некои случаи. Кривичниот законик е изменет по брза собраниска постапка. Максималните законски казни за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што имаше импликации врз примената на застареноста и влијаеше на голем број тековни случаи на корупција на високо ниво. Ова ја попречува способноста на властите да истражуваат и гонат таквите прекршоци во иднина. Ова е прашање на сериозна загриженост. – стои во извештајот на Европската Комисија, кој ексклузивно го пренесе Радио Лидер.

Скоро и да не постои област  во која според извештајот на ЕК не е детектирана стагнација или уназадување, а прогрес е детектиран во многу малку сегменти. Ваквиот извештај на ЕК, претставува вистински потрес за власта, која секојдневно не убедува дека работи на некаква европска агенда.

Злооупотребата на „европското знаменце“, корупцијата на власта, организираниот криминал и немањето на реформи во правосудниот систем – се загрижувачките елементи кои се провлекуваат во најголемиот дел од извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.

Уште на првите страници од извештајот, власта доби шлаканици за несоодветното користење на европското знаменце.

-Недоволното планирање е проблем, и поради тоа има претерана злоупотреба на брзите постапки (н.з. за гласање на закони во собранието), вклучувајчи и неадекватна употреба на „Европското знаменце“. – стои во извештајот на ЕК за Македонија.

Во извештајот, од Европската Комисија на нашата влада експлицитно и укажуваат како треба да го користи „Европското знаменце“.

-„Европското знаменце“ треба да се користи кога се гласаат закони кои за главна цел имаат усогласување со европската регулатива, а не за да се заобиколи јавната дебата за важни прашања. – стои во извештајот.

Во делот на политичките критериуми се вели дека Македонија продолжува со напорите за зајакнување на демократијата, паралелно соочувајќи се со предизвици во областа на владеењето на правото.

Немаше напредок во судството во периодот опфатен со извештајот. Судскиот совет треба да се стреми кон заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите… Контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет донесе загриженост за политичко влијание. Усвојувањето на нова стратегија за судството доцни“, пишува во извештајот.

 

Реакција од ВМРО ДПМНЕ: Извештајот на ЕК е одраз на реалноста!

„Извештајот на ЕК за 2023 година е доказ дека лажни се изјавите на власта на СДС и ДУИ дека се фокусирани на европската агенда. Ова е извештај кој е одраз на тажната реалност, одраз на состојбата на стагнација и во одреден дел назадување во која се наоѓа Македонија. Денес нема да ја слушнете власта како зборува за извештајот, нема да го слушнете ниту Ковачевски, Груби, Маричиќ, Османи и останатите да се нарекуваат европски фронт затоа што извештајот ја обелоденува нивната непосветеност кон системско имплементирање на препораките“ рече на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа напомена дека „во кластер 1, делот на основите, фундаментите на ЕУ се забележани низа забелешки“.

„Не е постигнат напредок во текот на извештајниот период, тоа е од минатата година до денес, за да се адресираат и имплементираат исклучителните препораки од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) и Венецијанската комисија. А, замислете, го имате Османи кој не престана да се моделира како прв и единствен претседавач на ОБСЕ и воедно потроши или ќе потроши 1 милион евра за два дена за рент а кар возила, а притоа е дел од власта која не ги имплементира препораките од ОБСЕ. Класична хипокризија! Понатаму, во делот на Собранието – се нотира недостаток на соодветно планирање, прекумерна употреба на брзи процедури, вклучително и несоодветна употреба на „европското знаменце“. Изрично е наведено дека „Знамето на ЕУ“ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не за кратка јавна дебата за важни прашања. Во однос на истото, забележано е дека властите треба да се воздржат од усвојување на ад хок мерки кои не се во согласност со правото на ЕУ и европските стандарди. И тука, власта на свое конто ги има безбројните примери, а како последни за потсетување на јавноста се законот за кривична постапка и законот за игри на среќа“ вели Митева.

Според Митева, „извештајот на ЕК покажува и потврдува дека власта наместо да работи и да се посвети на реформи, се насочува кон стратешки погрешни цели. И наместо владеење на правото, имаме владеење на самоволието. Наместо силна реформа имаме уназадени институции. Наместо напредок имаме порази. Власта на СДС и ДУИ е разобличена, проблемот зошто Македонија не почнува преговори, не се штетните договори или пак промената на Уставот под нечиј диктат туку затоа што државата не е средена, не е вистински реформирана и затоа што наместо право и правда владее власт заглавена во криминал и корупција!“.