Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, изјави дека во Владата се разгледуваат потенцијални законски измени кои би овозможиле одземање на ингеренциите на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Ова го соопшти во своето гостување на телевизијата Алсат, откривајќи дека во процесот е вклучен и министерот за транспорт и врски, Александар Николовски.
Итни состаноци за законски решенија за ингеренциите на Данела Арсовска
Перински објасни дека неодамна бил одржан итен состанок, каде заедно со Николовски разговарале за можностите за интервенција преку законодавството.
„Имавме еден итен состанок на којшто разговаравме заедно со министерот за транспорт, Александар Николовски, да ги видиме потенцијалните можни законски измени за да овозможиме, како алатка во законот за патен сообраќај, да интервенираме и врз основа на тоа да може да ѝ ги одземеме ингеренциите“, изјави Перински.
Целта на измените
Предложените измени би се однесувале на законите за патен сообраќај и би овозможиле директна владина интервенција во случаите кога градоначалникот не ги исполнува своите обврски. Деталите за потенцијалните измени сè уште се во фаза на разгледување, а Владата најавува дополнителни анализи и консултации пред каква било конечна одлука.