Но, заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Иљми Селами со поинакво мислење. Според него, лаптопите треба да останат кај попишувачите сѐ додека е на сила законот.
– Овој потег е погрешен. Од моја страна беше оценет како погрешен. Седнавме утрово, поразговаравме и се согласивме дека попишувачите и реонските инструктори треба да ги задржат лаптопите како што ги земаа, бидејќи за нас сѐ уште важи законот кој е на сила и додека Собранието не донесе друг закон за одложување, промена, дополнување или нешто друго… Значи, законот е на сила, имаме рокови кои треба да ги запазиме и принудени сме да ги почитуваме, посочи Иљми Селами од Државниот завод за статистика.
Селами настојува дека ДЗС ќе го почитува актуелниот закон сѐ додека не се измени. Вели дека тие се подготвени да продолжат со пописот на 1-ви април.
– И сега ако дојде работата до таму и ако нѐ фати рокот кога треба да почне спроведувањето на пописот, секако дека сме принудени да го спроведеме. Затоа ја користам приликата да апелирам… ние ја разбираме политичката волја на партиите, ние ја разбираме волјата и на институциите, министерствата, парламентот, меѓутоа треба да внимаваат и да преземат побрзи чекори. Ако веќе одлучиле да го променат законот, нека го сторат тоа побрзо, бидејќи и ние сме во незавидна состојба, додаде Селами.
Синоќа во „Клик Плус“, собранискиот спикер Талат Џафери рече дека доколку Заев и Мицкоски се договориле да се пролонгира пребројувањето, тогаш тоа треба да биде преточено во закон, за што пак се предвидени собраниски постапки.