Штети и проблеми сè уште се евидентираат на терен

По обилните врнежи што зафатија поголем дел од земјава, од Центар за управување со кризи информираат дека состојбата постепено се стабилизира. Сепак, на терен и понатаму има поплавени површини, оштетена инфраструктура и отежнат сообраќај на повеќе локации низ државата.

Пелагонија најтешко погодена

Во пелагонискиот регион водата постепено се повлекува од подрачјата на Битола, Могила и Новаци. На реката Црна, кај селото Новаци, во 18 часот е измерен водостој од 320 сантиметри. Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка река, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Иако реките се вратени во коритата, Црна и натаму се излева во атарите на селата Жван и Единаковци, каде што се поплавени земјоделски површини. Во Ресен се евидентирани поплавени ниви од поројни води, а во текот на денот интервенирано е со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.

Проблеми во југозападниот и западниот регион

Во Охрид, на реката Сушица е изграден заштитен насип кој спречил дополнително излевање, но и понатаму се поплавени подруми и дворови на повеќе локации. Во струшките населени места Мислешево и Калишта поплавени се дворови и обработливи површини, а санацијата е отежната поради немање пропуст за истек на водата. Во Дебар е зголемен водостојот на реката Радика, но засега нема опасност од излевање, а патиштата се проодни со помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат. Во кичевскиот регион, водостоите на Зајашка и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави, при што во тек е чистење и дезинфекција на поплавените домови, а евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.

Зимски услови и одрони на повеќе патишта

Во кавадаречкиот регион механизација интервенирала на повеќе ридски и планински патни правци каде снежната покривка достигнала до 15 сантиметри. Во Ранковце патот П’клиште – Герман е непрооден поради снежни наноси, а сообраќајот од Герман кон П’клиште се одвива отежнато поради кашест снег. Во Тетово, на патот кон селото Бањиче била падната голема карпа, но коловозот е расчистен и сообраќајот е нормализиран. Во Гостивар е регистриран одрон на патот кон Маврово, кај каменоломот, каде што екипите работат на расчистување.