Советот за казниви дела при Врховниот суд ја укина правосилната пресуда за автобуската несреќа кај Ласкарци во која на 13 февруари 2019 година загинаа 16 лица, а 37 беа повредени. Со одлуката, предметот се враќа на повторно постапување, а осудените кои во моментов ги издржуваат казните треба да бидат пуштени од затвор.
Тоа значи дека за сите шестмина обвинети повторно ќе се води постапка во која треба да се утврдува нивната евентуална кривична одговорност. Во предметот се обвинети сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во компанијата Ремзи Мифтари, возачот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед – Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски.
Првите тројца беа обвинети за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите беа обвинети за соучество во истото кривично дело. Случајот со години се водеше во Кривичниот суд, каде што беа изведени повеќе вештачења за техничката исправност на автобусот, причините за несреќата и супервештачење.
Апелациониот суд Скопје во мај 2025 година ги зголеми затворските казни откако Обвинителството поднесе жалба. Дурмиш Белули и Ремзи Мифтари наместо по шест добија по 10 години затвор, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски наместо по пет добија по седум години, Јане Боваровски остана со пет години, додека возачот Маноил Трифуновски беше осуден на 14 години затвор.
По правосилноста на пресудата, за дел од осудените извршувањето на казните беше одложувано, меѓу другото и поради здравствени причини. Белули во текот на 2026 година сепак започна со издржување на десетгодишната казна во затворот „Идризово“.
Трагичната несреќа се случи кога автобусот на „Дурмо турс“, кој сообраќаше на релацијата Скопје–Гостивар, излета од автопатот кај селото Ласкарци. Во несреќата загинаа 16 патници, а 37 лица беа повредени.
Со најновата одлука на Врховниот суд, предметот повторно оди пред надлежниот првостепен суд, кој ќе треба одново да ги разгледа доказите и да одлучи за кривичната одговорност на обвинетите.
