Спасувачките служби извлекоа неколку повредени лица од шесткатница во турскиот град Шанлиурфа, која се урна откако беше оштетена во разорните земјотреси на 6 февруари, јавува агенцијата Анадолу.

По двата разорни земјотреси, со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, кои пред еден месец ги погодија југоисточна Турција и северна Сирија, следеа серија последователни потреси. Шесткатницата во Шанлиурфа беше оштетена по првите два силни земјотреси, но тогаш не се урна. Серија последователни земјотреси влијаеле на статиката на зградата, која на крајот се урнала.

Агенцијата јавува дека вработените во итната помош ги повикале сите присутни во близина да бидат тивки за да можат да ги слушнат звуците што доаѓаат од под урнатините.

Речиси два милиони луѓе останаа без покрив над главата во Турција по земјотресот. Многумина беа сместени во шаторски кампови, но некои луѓе почнаа да се враќаат во своите оштетени домови.