Италијанската премиерка Џорџа Мелони изрази поддршка за полицијата по судирите за време на протестите во Милано. Градоначалникот на градот, Џузепе Сала, во меѓувреме изрази голема загриженост.

„Членовите на силите на редот повторно се соочија со насилството на криминалците кои, дури и преку организирани групи, ги злоупотребуваат демонстрациите за да предизвикаат конфликти и да сеат хаос“, напиша Мелони на социјалните мрежи.

Таа изрази целосна солидарност и искрена благодарност до припадниците на силите на законот и редот. Мелони додаде дека тие се на терен за да ги штитат граѓаните, работниците, сопствениците на продавници и сите што имаат право да живеат во својот град без страв и без да гледаат како групи насилници го уништуваат, објави агенцијата Аднкронос.