Измените на Изборниот закон на предлог на група пратеници веќе влегоа во собраниска процедура и тие освен препораките на ОБСЕ/ОДИХР, содржат и компромисен предлог за начинот на спроведување на престојните локални избори. Отворените листи се дел од компромисниот предлог, како и прагот од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но реакциите особено беа во однос на два отсто изборен праг за оние кои на изборите сакаат да учествуваат со независни листи.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера изјави дека за партијата е прифатлив и праг од еден отсто и воопшто да нема праг во однос на поднесувањето потписи за независна листа за кандидатура на претстојните локалните избори.
Во однос на Изборниот законик, и изјавата на премиерот Зоран Заев за намалување или укинувањето на прагот за потписи за независните листи, Мицкоски рече дека нивен принципиелен став е дека за нив е важно изборите да бидат фер и демократски и ќе ги прифат ваквите предлози.
– Се што мислат дека е во насока на добри фер и квалитетни демократски избори ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати. Не сакале отворени листи – прифаќаме нема отворени листи, сакаат од два да намалат на еден отсто прифаќаме ако мислат дека и така треба, нека нема праг, само да имаме фер и демократски избори, рече Мицкоски пред состанокот со партијата Демократски сили на Ромите нивен коалициски партнер по повод соработката на претстојните локални избори.
Според него, во преговорите за измените на Изборниот законик, предлогот за зголемување на прагот за независните кандидати како и барањата за отворени листи дошол од власта, односно од помалите парти.
-Помалите партии бараа отворени листи, ВМРО-ДПМНЕ се сложи. Потоа се предомислија, ВМРО-ДПМНЕ повторно се сложи. Од страна на власта, исто така, се побара да се зголеми прагот на оние листи на кои им се потребни потписи за да ја истакнат својата кандидатура. Бидејќи тоа беше барање од власта, ВМРО-ДПМНЕ само за да има фер и демократски избори и на тие преговори рече –како вие мислите, така ќе прифатиме. Потоа, гледаме дека помалите коалициски партнери ретерираа од тој став. ВМРО-ДПМНЕ изрази разбирање за ставот на помалите политички партии, го поддржа и ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше нека се договорат во владината коалиција, сè што тие ќе се договорат ние ќе прифатиме, вели Мицкоски.
Тој најави дека партијата на 16 и 17 август ќе ги открие своите кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.
Премиерот Зоран Заев во саботата изјави дека прагот од два отсто за собирање потписи за независните листи во Предлог-измените на Изборниот законик ќе биде намален, веројатно на еден отсто или можеби и укинат, за што ќе одлучат пратениците.
– Ги слушнав пратениците буквално од сите пратенички групи дека укажувањето од стручната јавност се прифатливи. И верувам дека веќе е изнајдено решение. Така да, Изборниот законик ќе биде согласно укажувањата коишто стигнаа и од експертската јавност, но и од помалкубројните и незвисните така да кажам, заради тоа што тие оценија дека не е коректно поголемите партии да го определуваат процентот или прагот на неопходен број на собрани потписи за поднесување на независните листи. Видов дека има амбиент и ќе биде намалено два отсто веројатно на еден отсто или можеби укинат. Како ќе одлучат пратениците секако јас како политичар тоа ќе го поддржам, рече Заев на новинарско прашање по пуштањето во употреба на автоматизиран систем за наводнување во Општина Валандово.