Се прават последните анализи за враќање на евтината дневна тарифа за струјата, но неизвесно е што ќе се случува со ДДВ-то за електрична енергија.

Министерот Бектеши во следните денови  со првиот човек на РКЕ ќе ги договорат деталите. Бислимовски пред извесно време најави враќање на евтината струја преку ден.

Се разгледува опцијата цената на струјата во одреден период од денот  да биде значително пониска од цената која се плаќа во првиот тарифен блок, односно од 7,41 денар за киловат час. Но, што ќе се случува со ДДВ-то за струја кое во јуни треба да скокне од 10 на 18 отсто, Бектеши не прецизираше. Уверува дека одлуките ќе бидат во корист на граѓаните.

Идниот месец треба да се донесе и нов тарифник за електрична енергија. Цените ќе важат од први јули. До крај на мај енергетските компании треба да ги достават пресметките до регулаторна.

Од РКЕ за Телма велат дека денеска на состанок ги повикале и компаниите на кој се дискутирало за следната грејна сезона и за очекувањата во енергетиката. Во меѓувреме Стопанската комора излезе со листа од 9 предлог мерки до енерегетските компании и надлежните. Меѓу предлозите се ЕСМ со поддршка од Владата да го концепира производството од термоцентралите според цената на мазутот и јагленот, односно ако порасне производството на евтина струја од фотоволтаици, ЕСМ да ја откупи наместо да произведува поскапа електирчна енергија. Бектеши тврди предлозите се логични и дел се прифатливи.