Како општество мора да престанеме да се лажеме и да почнеме да зборуваме целосно отворено со реални бројки. Овие бројки зад себе имаат име, презиме, загубен човечки живот и огромна семејна трагедија. Ова го нагласи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за време на обраќањето на настанот организиран во рамките на кампањата посветена на активизмот против насилството.
Тошковски посочи дека во текот на 2026 година се евидентирани вкупно седум случаи на фемицид во Македонија и дека институциите и јавноста ги знаат нивните идентитети. Тој направи директна споредба со минатите периоди, истакнувајќи дека идентична бројка од седум жртви била забележана и во текот на 2022 година, како и во текот на 2018 година.
„Памтите некое име од 2022 година? Тоа не е бројка. Седум жени загинале како последица на семејно насилство и во 2022 година. Дали некој од вас памти име на некоја од тие жени? Седум е бројката на загинати жени како последица на семејно насилство 2018 година. Дали некој од овие коишто протестираа денеска, граѓани на коишто им го разбирам гневот, го разбирам незадоволството, го разбирам разочарувањето, но дали некој од тие памти име на жена која го загубила животот како последица на семејно насилство во 2018 година?“, запраша Тошковски.
Според министерот за внатрешни работи, отворањето на ова прашање е клучно за идните чекори бидејќи семејното насилство претставува едно од најтешките општествени зла во државата. Тој напомена дека институционалното дејствување не смее да се сведе само на полициските службеници, туку мора да ги вклучи образовните и социјалните институции, невладиниот сектор и самите семејства.
„Претпоставувам дека и по четврт пат ќе има барање за интерпелација за период од две години за министерот на внатрешни работи, но не се сеќавам дека некој од оние коишто сега од петни жили се обидуваат да ја префрлат вината на министерот за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, во 2022 кога исто сме имале седум фемицид, истите тие коишто денес се најгласни да побарале оставка од тогашниот министер. И тоа е нивно право, но тие лажејќи се себеси се обидуваат да го лажат и македонскиот народ дека ова коешто го прават и ова коешто денес, за нив е најголем приоритет бил и во 2022, бил и во 2018 година. Ама кога тие биле на власт, тогаш не бил, но и тогаш седумте жртви на фемицид имале име и презиме, како што имаат и денес“, рече Тошковски.
Тој подвлече дека институциите денес постапуваат конкретно, потсетувајќи на усвоените измени во Кривичниот законик во 2026 година, со кои се овозможи нанесувањето телесна повреда при семејно насилство да се гони по службена должност од страна на полицијата.
