Вечерва во 20 часот, на платото пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи комеморативен собир посветен на Владо Јаневски, каде неговите почитувачи ќе му оддадат последна почит.

Настанот го организира продукцијата „Прагма“, која ги повика сите љубители на неговата музика да бидат дел од вечер исполнета со спомени, емоции и благодарност.

-Да го испратиме со песна, тишина и љубов. Неговите мелодии ќе останат да живеат, бидејќи големите уметници никогаш не исчезнуваат, порачаа организаторите.

Владо Јаневски, кој почина по кусо боледување во Скопје, зад себе остави богато музичко наследство и безвременски песни кои со децении беа дел од македонската музичка сцена.

За неговото творештво сведочат бројните хитови и концертите што ги одржа пред својата публика, меѓу кои и настапите во Античкиот театар во Охрид во 2024 и 2025 година.

Вечерашниот собир ќе биде можност почитувачите, пријателите и колегите заедно да се потсетат на неговото дело и со песна, тишина и аплауз да му кажат последно „благодарам“ за музиката што ја остави зад себе.