Очајни се најавите дека македонската економија „ќе расте“ кога веќе имаме јавен долг што е 63% од БДП, обвинуваат преку соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека економијата не што не е стабилна туку уште повеќе тоне поради, како што велат, неспособните политики на економскиот тим на власт. Додаваат дека премиерот Зоран Заев државата ја задолжил за нови 210 милиони евра со ребалансот на буџетот.
– Мизерно е фалењето за раст на платите, кога секој граѓанин должи по 3,500 евра, а со ребалансот на Буџетот дополнително се задолжи секое семејство во земјава за нови 500 евра, обвинуваат од партијата.
Ваквата политика, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, донела пола милион луѓе во сиромаштија, а политиките на СДСМ резултирале со 60 илјади невработени луѓе, кои, како што велат, „никој не ги спомнува во блескавите изјави на фиктивна реалност која СДСМ ја пропагира“.
– Економските политики се за греота, инвестиции нема, а Заев сеуште не одговори на што се потрошија 1 милијарда евра од Буџетот. СДСМ не ги враќа парите кај граѓаните, туку ги краде, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека четири години Заев се четири години украден живот и економска мизерија.