Театарот за деца и младинци утревечер во 19 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Моби Дик“, работена според епскиот роман на Херман Мелвил во режија на Дамјан Кецојевиќ. Станува збор за семејна претстава наменета за публика над 10 години, која низ приказната за опсесивната потрага по белиот кит отвора низа прашања за човечката природа, пријателството, моралните избори и односот на човекот кон природата.

Во претставата играат Ана Левајковиќ-Бошков, Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Никола Наковски, Ненад Митевски, Петар Стојанов и Симона Спировска. Драматизацијата и адаптацијата се на Тијана Грумиќ, драматург е Драгана Лукан Николоски, сценографијата е изработена од Андреја Рондовиќ, додека авторската музика ја потпишува Круме Стефановски.

Режисерот Кецојевиќ нагласи дека сценското дело не е креирано исклучиво за детската публика, туку е замислено како сеопфатно семејно искуство во кое различните генерации можат да препознаат специфични значења и поуки. Во поделбата нема конкретни имиња на ликови, туку се наведени актерите, со оглед на тоа што сите тие толкуваат повеќе улоги, водат нарација и директно учествуваат во динамичните сценски промени.

Костимографката Александра Лалиќ истакна дека наместо класични историски костими од 19 век, сценскиот тим избрал современ визуелен пристап кој кореспондира со универзалноста на приказната. Композиторот Круме Стефановски, кој по две децении повторно твори за Театарот за деца и младинци, посочи дека звучната слика настанала низ долготрајни анализи на текстот и креативен дијалог со целиот ансамбл.