Пет лица се лишени од слобода, а со уште тројца е извршен службен разговор по пријави за семејно насилство во изминатото деноноќие. Според дневниот билтен на МВР, вкупно се евидентирани девет пријави во Скопје, Куманово, Тетово, Велес, Штип и Пехчево.
Полициски службеници од СВР Куманово вчера во 22:40 часот го лишиле од слобода Ф.С. (32) од Куманово. Тој бил пријавен дека во семејниот дом физички ја нападнал својата мајка. Ф.С. бил приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Во Тетово, полициски службеници од ПС Тетово вчера во 23:00 часот го лишиле од слобода В.С. (62) од Тетово. Полицијата постапувала по пријава од неговите два сина дека околу 21:00 часот во семејниот двор нивниот татко, кој бил под дејство на алкохол, агресивно се однесувал, физички ги нападнал и им се заканувал со остар предмет. В.С. е задржан во полициска станица, а по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.
Во Чашка, вчера во 22:10 часот, полициски службеници од Полициското одделение Чашка го лишиле од слобода Н.Д. (28) од Чашка. Тој бил пријавен дека во домот физички ја нападнал својата 26-годишна вонбрачна партнерка, при што употребил и тврд предмет. По извршените проверки било констатирано дека Н.Д. бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 0,94 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител, а по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Полициски службеници од СВР Велес вчера во 20:40 часот го лишиле од слобода Д.Ш. (24) од Велес. Против него претходно имало пријава дека во угостителски објект во Велес ѝ се заканувал на неговата 22-годишна поранешна партнерка и физички нападнал нејзин пријател. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител, а по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во друг случај во Велес, полициски службеници од СВР Велес вчера и денеска извршиле службени разговори со Б.А. (60), Е.А. (22) и 20-годишната Ш.Р., сите од Велес. Претходно, во СВР Велес било пријавено дека во домот Б.А. (32) од Велес бил физички нападнат од неговиот брат Е.А., кој употребил и дрвен предмет, а потоа и од неговата снаа Ш.Р. и неговиот татко Б.А. За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосно расчистување и документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Во СВР Скопје, денеска во 00:10 часот, 41-годишна жена од Скопје пријавила дека на 4 јули 2026 година околу 20:00 часот во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот сопруг З.Ј. (47) од Скопје. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Во Скопје, 21-годишна девојка од скопско вчера во 20:20 часот пријавила дека добивала закани од нејзиниот 24-годишен партнер. И за овој случај се преземаат мерки за расчистување.
Во Штип, полициски службеници од СВР Штип вчера во 18:15 часот го лишиле од слобода Р.С. (39) од Штип. Тој бил пријавен дека на 4 јули 2026 година околу 14:15 часот во семејниот дом на неговата 35-годишна поранешна сопруга ѝ упатувал закани и ја прекршил судската одлука со која му била изречена мерка за заштита од семејно насилство. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во Полициската канцеларија Пехчево, вчера во 23:30 часот, 46-годишна жена од Пехчево пријавила дека околу 21:00 часот пред угостителски објект во Пехчево била физички нападната од нејзиниот сопруг И.К. За настанот е известен јавен обвинител од ОЈО Берово, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
