На сенаторот Тим Кејн кој живее во Ричмонд, му требале 27 часови да стигне на работа во Конгресот во Вашингтон, откако ноќеска заглави во повеќекилометарска колона на автопат во Вирџинија, предизвикана од судир на камиони, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Сенаторот – демократ растојанието од Ричмонд до Вашингтон обично го поминувал за два часа. Како што синоќа извести на Твитер, поранешниот гувернер на Вирџинија вчера од дома тргнал околу 13 часот. И по 19 часови тој и други Американци се уште стоеле во сообраќајниот метеж.

Застојот се случил за време на снежната бура што вчера зафати голем дел од предградијата на Вашингтон. Ситуацијата се влошила по судир на шест товарни камиони по што се создала колона од возила долга 77 километри.

– Го започнав моето нормално двочасовно возење во 13 часот. По 19 часови се уште не сум стигнат ниту близу до Капитол, напиша тој на Твитер.

Сепак, тој успеал да стигне до конечната дестинација, опишувајќи како го поминал искушението, и како добил портокал од семејство од Конектикат кое ги раздавало на изгладнетите и измрзнати мотористи, објави Вашингтон пост.

– По 27 часови патување од Ричмонд до Вашингтон, многу ми е мило што се враќам во Капитол, напиша Кејн, откако го оставил автомобилот на конгресниот паркинг.