Сенатот го одобри буџетот и ја деблокира работата на владата
По повеќе од еден месец политички застој, Сенатот го одобри буџетот со привремен договор со кој се става крај на буџетската блокада што ги парализираше федералните институции цели 40 дена. Според извештаите на неколку американски медиуми, меѓу кои Си-Ен-Ен и Фокс Њуз, републиканците и демократите се согласија владата да биде финансирана до јануари.
Мерката беше ставена на гласање веднаш по постигнувањето на договорот, со очекувана поддршка од мнозинството демократи. Доколку предлогот добие зелено светло и во Претставничкиот дом, ќе биде испратен до претседателот Доналд Трамп за конечен потпис.
Последици од најдолгата блокада во историјата
Долготрајниот застој остави длабоки последици во секојдневното функционирање на државата. Воздушниот сообраќај беше сериозно нарушен, исплатата на социјалните средства прекината, а стотици илјади федерални службеници работеа без плата или беа испратени на принуден одмор.
„Можеме да кажеме дека се приближуваме кон крајот на блокадата на владата,“ изјави Трамп по враќањето во Белата куќа од викендот во неговата резиденција во Флорида.
Пратениците објаснуваат дека со новиот договор ќе се обнови исплатата на социјална помош за 42 милиони Американци. Ќе се овозможи враќање на работа на илјадници службеници и ќе се продолжи програмата за здравствено осигурување што требаше да истече до крајот на годината.
Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, изјави дека и покрај договорот, борбата за здравствената заштита продолжува:
„Жалиме што оваа тема не беше дел од директно усвојување. Таа борба мора да продолжи,“ рече тој.
Воздушниот сообраќај и натаму во хаос
Блокадата го погоди и транспортниот сектор. Само вчера, во САД беа откажани повеќе од 2.700 летови, а над 10.000 беа одложени, соопшти платформата FlightAware. Меѓу најпогодените аеродроми се Њуарк, Ла Гвардија, О’Хара и Хартсфилд-Џексон.
Министерот за транспорт Шон Дафи предупреди дека, доколку блокадата продолжеше, ситуацијата ќе беше уште потешка со приближувањето на Денот на благодарноста:
„Воздушниот сообраќај ќе беше намален на минимум токму кога сите патуваат за празниците,“ изјави тој.
Иако договорот е сигнал за олеснување, експертите предупредуваат дека целосната нормализација на системот може да потрае неколку дена. Потребно е повторно да се воспостави редовното финансирање и да се исплатат заостанатите плати.
