Германскиот шампион Баерн Минхен се соочува со сериозна криза со повреди на фудбалерите, која дополнително се продлабочи по натпреварот и ремито 2-2 против Борусија Дортмунд во првото дерби од тековната сезона.
Исмаел Саибари и Серж Гнабри ќе бидат надвор од фудбалските терени на неодредено време, соопштија официјално од таборот на Баерн. Двајцата играчи беа принудени предвреме да го напуштат теренот на „Алијанц Арена“ за време на саботното дерби против составот на Борусија Дортмунд. Саибари претрпе тешка повреда со скинат лигамент на десниот глужд откако незгодно го извитка за време на играта, по што веднаш беше подложен на успешна хируршка интервенција. Мароканскиот репрезентативец мораше да го напушти стадионот со помош на патерици непосредно по инцидентот, а деталната медицинска дијагноза беше утврдена набрзо потоа.
Серж Гнабри беше принудно заменет само две минути по излегувањето на Саибари, при што баварскиот клуб подоцна објави дека германскиот репрезентативец се здобил со непријатна повреда на мускулот на левата бутина.
Покрај споменатите двајца првотимци, Баерн во завршницата од натпреварот остана без уште еден офанзивен фудбалер, откако се повреди и Мајкл Олисе.
„Саибари и Гнабри засега нема да играат за Баерн, но сè уште не можеме да прецизираме колку долго ќе трае ова. Саибари имаше скинат синдесмозен лигамент на десниот глужд и веќе е успешно опериран. Гнабри претрпе повреда на мускулот на задниот дел од левата бутина. Тој ќе се рехабилитира утре и ќе има уште еден медицински преглед за неколку дена“, соопштија од Баерн Минхен.
На листата на повредени играчи во тимот предводен од тренерот Винсент Компани, покрај оваа тројка, веќе се наоѓаат и голманот Мануел Нојер, Луис Дијаз, Џамал Мусијала, како и Јонас Урбиг.
