На состанокот, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, присуствуваа и министерката за цивилни прашања на Босна и Херцеговина, Анкица Гуделјевиќ, како и министерот за финансии, труд и трансфери на Косово, Хекуран Мурати.
Министерката Шахпаска на состанокот истакна дека Република Македонија и Република Австрија досега имаат одлична соработка во доменот на вработувањето, социјалната заштита и социјална инклузија.
Таа се осврна на политиките за подобрено вклучување на младите лица на пазарот на труд, а особено на имплементацијата на Младинската гаранција која ја имплементираме како прва и единствена земја од овој регион на Западен Балкан.
– Имплементацијата на оваа програма за нашата држава даде исклучително позитивни искуства и резултати. Но, сепак се уште има предизвици со кои се соочуваме и кои мораме да ги надминеме. На тоа интензивно работиме. Во тие напори од особено значење би ни била и понатамошната соработка со Австрија и споделувањето на нивните искуства и научени лекции, добри практики во имплементацијата на Младинската гаранција и политиките за млади, како земја членка на ЕУ, нагласи министерката Шахпаска.
Таа ги истакна и напорите кои во овој изминат период Владата на Македонија ги прави за справување со последиците од пандемијата со Ковид-19 и усвоените пакети на анти-кризни мерки, детално креирани и усогласувани во соработка со социјалните партнери.
Австрискиот министер Кохер информираше за приоритетите на Австрија во делот на пазарот на труд, преминот кон дигитализација и кон зелени работни места, вработувањето и образованието на младите, особено во делот на заздравувањето од Ковид кризата.
Тој го сподели искуството на неговата земја во делот на имплементацијата на образовната гаранција, но и системот за практиканство на младите и во тој контекст, на силната поврзаност со приватниот сектор и компаниите.
Министерката Шахпаска оцени дека за државите од Западен Балкан, вклучително и за нашата предизвик е одливот на едуцирани млади луѓе.
– Ние како држава креираме конкретни политики кои треба да овозможат задржување на младите дома и градење на нивната иднина во Северна Македонија. Во таа насока е и имплементацијата на активните политики за вработување, зголемувањето на буџетските средства кои ги издвојува државата за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. Работиме и на рамномерен регионален развој, како и на поттикнување на диверзитетот и на инклузивноста кои ги вградивме како основни принципи во овогодинешниот Оперативен план“, информираше Шахпаска, која се осврна и на тековните реформи во образовниот систем со цел негово што поголемо прилагодување кон пазарот на труд и потребите на младите.
Соговорниците ја нагласија потребата од продлабочување на заедничката соработка во иднина.
Во попладневните часови министерката Шахпаска ќе има обраќање на Вториот министерски состанок за вработување и социјални прашања меѓу министрите на земјите – членки на ЕУ и Западен Балкан.