Политиката на Министерството за образование и наука е насочена кон унапредување и поголема промоција на средното стручно образование, затоа што е дефицитарно и имаме недостиг од стручни кадри во државата, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот отворен ден на средното училиште „Цветан Димов“ во Скопје.
Според министерот, изборот на средно стручно училиште е одлука која обезбедува поголема веројатност за личен просперитет, за брзо вработување по стекнувањето на дипломата, но и добра основа за понатамошна академска надградба.
Тој им порача на полуматурантите да се водат според личните желби и афинитети, но секогаш предвид да ги имаат и информациите за тоа кој тип на образование се бара на пазарот на трудот.
Така, како што рече, полесно ќе ја донесат одлуката, затоа што ќе видат дека тоа е стручното образование. Министерот додаде дека „Цветан Димов“ е одлично училиште кое и досега има создадено ученици кои веќе успешно се интегрирани во општеството и во општествените процеси.
-Не ја пропуштајте шансата да станете вредни луѓе, полни со знаења и практични вештини кои ќе ви донесат просперитет, им порача Шаќири на основците од Чаир.
За учебната 2022-2023 година СУГС „Цветан Димов“ согласно конкурсот за упис, ќе има 12 паралелки за повеќе образовни профили во Економско – правна и трговска струка и во здравствена струка.
Новина е воведувањето на паралелка за медицински сестри на турски наставен јазик.