Јапонските власти го осудија на смрт шефот на мафијашката организација Јакуза, 74-годишниот Сатору Номура, за нарачување убиство и напади врз три лица меѓу 1998 и 2014 година.
Јапонецот ги отфрли обвиненијата, но Окружниот суд на Фукуока ги прифати аргументите против него. За многумина, ваквата пресуда е своевидно изненадување, оти немало докази што директно ќе го поврзат Номура со нападите.
Побарав фер судење… Ќе жалите за оваа одлука до крајот на животот, рече Номура пред судијата.
Номура е осуден затоа што, според пресудата, во 1998 година наредил убиство на поранешен влијателен шеф на риболовно здружение. Исто така, му се судеше за напад врз роднина на жртвата на убиството, од 2014 година и напад на медицинска сестра во клиниката каде што Номура се лекувал, објавија јапонските медиуми.
Номура беше обвинет и за напад од 2014 година, врз полицаец кој ја истражувал неговата мафијашка организација. Полицаецот преживеал, но се здобил со сериозни повреди. Обвинителите тврдеа дека сите напади биле извршени од организацијата Кудо-каи на чело со Номура.
Јапонија е една од земјите каде што сѐ уште важи смртната казна. Јавната поддршка за смртната казна во Јапонија останува висока и покрај критиките од меѓународната заедница и групите за човекови права.
Kudo-kai top of the death penalty, “I will regret my life” to the presiding judge
After the trial, Satoru Nomura, the head of the Kudo-kai, said to the presiding judge as if he threatened to “regret this for the rest of his life.” pic.twitter.com/PCmLFtdtgn
— Japan News Network (@JPNewsNetwork) August 25, 2021