Сè повеќе земји воведуваат гранични контроли во Шенген зоната поради големиот број илегални мигранти кои влегуваат, што повторно го зголемува нивото на ризик од тероризам.

Исто така, ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток, како и терористичките напади и заканите во Франција и Белгија го кренаа алармот во Унијата на највисоко ниво. Покрај тоа, Хезболах, милитантна група која дејствува во Либан, испрати порака до „малигните Европејци“ да бидат внимателни.

Според Index.hr, Италија веќе ја известила Словенија дека ќе воведе гранични контроли со цел да се спречи тероризмот и организираниот криминал.

Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар за словенечката телевизија N1 потврди дека Словенија ќе го суспендира Шенген и ќе воведе гранична контрола со Хрватска и Унгарија. Тој рече и дека за ова вчера ги информирал унгарскиот и хрватскиот министер за внатрешни работи.

Според него, Министерството веќе има подготвено известување во согласност со Шенген-кодексот, кое Владата ќе го одобри денеска и потоа ќе го испрати до Европската комисија.

„Гледаме што се случи во Франција и Белгија. Словенија не е исклучок“, предупреди Поклукар.

Словенија, исто така, го подигна својот рејтинг за ризик од тероризам на средно ниво.

Меѓутоа, проблемот е што Хрватска не сака присуство на единици на Фронтекс на шенгенската граница. Словенија и Италија во неколку наврати ја предупредија Хрватска, која влезе во Шенген пред помалку од една година, дека поради илегалната миграција мора подобро да ја заштити шенгенската граница, особено границата со БиХ, Србија и Црна Гора.

На прашањето како ја оценува хрватската заштита на надворешната Шенген граница, министерот Поклукар во емисијата Н1 студио одговори: „40.000 и повеќе нелегални премини преку словенечката граница кажуваат се“. Со влегувањето на Хрватска во Шенген, странците не ги минуваат границите преку шуми, реки и други опасни области, туку патуваат по пат, железница, па дури и со такси“.

Словенечкиот експерт за безбедност Боштјан Перне смета дека нема страв за Словенците, кои со задоволство одат во Хрватска за време на викендите.

Кога Словенија ќе воведе внатрешна контрола на границата со Хрватска и Унгарија, а Италија на италијанско-словенечката граница, барем за одредено време ќе биде невозможно слободно да се мине границата со сите четири соседни земји на Словенија, пишува N1 Словенија.

„Шенген зоната беше една од главните идеи на европското единство и беше воспоставена за да можеме слободно да ги преминуваме границите без да знаеме дека преминуваме од една во друга земја. Да дадеме чувство дека сме едно. Но тоа го нема. Шенген пропадна како идеја. Можеби некои гранични премини нема да ги чувствуваме како порано, но ова веќе не е слободен граничен премин. Ова повеќе го нема“, изјави Боштјан Перне за N1.