Меѓу обвинетите се и поранешен висок функционер на бугарското Воено разузнавање, високи претставници на Министерството за одбрана и поранешен воен аташе кој ги надгледувал доверливите информации во бугарскиот Парламент.

Шестмината обвинети беа уапсени во март, а од нив петмина беа приведени, додека еден беше пуштен на слобода по платена кауција.

Подготвително рочиште се уште не е закажано.

Обвинетите, доколку бидат прогласени за виновни, се соочуваат со затворски казни од 10 години до доживотен затвор, соопшти Военото обвинителство.

Поранешен функционер на Воената разузнавачка служба, означен како лидер на заговорот, дипломирал на разузнавачко училиште во Москва кое е раководено од руската Воено-разузнавачка служба -ГРУ, јавија властите во Софија. Обвинителството наведува дека по неговото враќање во Бугарија, обвинетиот разузнувач добил задача да регрутира мрежа на агенти кои имаат пристап до доверливи документи поврзани со НАТО и Европската унија.

Неговата сопруга, која има двојно бугарско-руско државјанство, ги пренесувала прибраните доверливи информации на „вработен во руската амбасада“, за што добивала пари за плаќање на шпиони.

Бугарија минатата година протера пет руски дипломати обвинети за шпионажа кои не можеа да бидат обвинети поради дипломатски имунитет.

Државниот обвинител Иван Гешев во март изјави дека ова е случај без преседан во поновата историја на Бугарија и дека случајот е важен за зачувување на државната безбедност и безбедноста на партнерите во ЕУ, НАТО и Обединетите нации.