Според законските измени, кон барањето се поднесува нотарска изјава во која стои дека родовиот идентитет не е во согласност со полот назначен во матичната евиденција во моментот на раѓање и промената на ознаката за пол не ја прави заради одбегнување на договорна или законска обврска, како и извршување на казна изречена од надлежен суд
Од „Коалиција Маргини“ велат дека до сега шест граѓани во државата го промениле полот во личните документи, но за тоа чекале од 2,5 до 10 години. За едни Управата го уважила барањето, за други го одбила, а во трет случај се прогласила за ненадлежна, објави „Слободен печат“.
Оттаму сметаат дека со усвојувањето на овој закон ќе се унапреди правата на овие лица кои до сега живееле изолирано.
Законот е поднесен со европско знаменце, а следи откако во Европскиот суд за човекови права во јануари 2019 година тужба поднесе македонски државјанин на кого не му бил признат родовиот идентитет. Тогаш судот во Стразбург донесе пресуда дека државата сторила повреда на личните права на жалитетот бидејки нема регулаторна рамка која обезбедува право на почитување на приватниот живот.