Поранешната украинска фудбалска ѕвезда Андриј Шевченко стана надворешен советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, јавуваат украинските медиуми.

Претседателот Зеленски на 26 септември го објави указот за назначување на Шевченко за надворешен советник, но од претседателскиот декрет не може да се разбере какви ќе бидат должностите на Шевченко.

Шевченко се стекна со големо меѓународно признание како играч на италијанскиот Милан и англискиот Челзи. Со Милан ја освои Лигата на шампионите во 2003 година, а една година подоцна ја освои и Златната топка, најпрестижната фудбалска награда.

Поранешниот фудбалер играше 111 пати за националниот тим и постигна 48 гола, а пред заминувањето во странство го претставуваше Динамо Киев. По играчката кариера која ја заврши во јули 2012 година, Шевченко напрво седеше на клупата на домашните тимови како помошник тренер, а во јули 2016 година стана селектор на украинската репрезентација и ја одведе репрезентацијата до четврт-финалето на Европското првенство во 2021 година, што е негово најдобро достигнување досега. Во сезоната 2021/22. ја предводеше италијанската Џенова.

Се смета за еден од најдобрите украински фудбалери на сите времиња.
Украинскиот претседател Зеленски минатата година го назначи сега 46-годишниот Шевченко за амбасадор на Фондацијата за обнова и развој на Украина.