Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој е кандидат на СДСМ за уште еден мандат, изјави дека постојат, како што вели, сериозни проценки дека трката во Скопје може да заврши уште во првиот круг.
– Јас кажав во оваа кампања јас не разговарам со моите противници, јас разговарам со скопјани, за мене скопјани се поважни од било кој кандидат во политиката – рече Шилегов на Сител.
Тој посочи дека во изминатиот мандат се сработени и отпочнати многу сериозни проекти.
– Басрапид транзитот кој што e доведен во реализација е работа која што е работена две и пол години, потсетувам 30 години претходно само се зборуваше за таа работа и за две и пол години го доведовме до фаза на рeализација – рече Шилегов.
Тој додаде дека започнале два моста, завршиле 4 нови булевара, се работи најсложената комплексна сообраќајница на Момин Поток…
– Градот не е решавање на проблематиката на микро ниво, проблеми на микро ниво секогаш имало и секогаш ќе има, ќе се појавуваат секогаш, тоа е нормална работа. Она што е неопходно на овој град е стратешки развој, она што е неопходно на овој град е да ги ставиме интересите на скопјани пред политиката – рече Шилегов.