Независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, вечерва се сретна и разговараше со жителите од општина Бутел, кои ги споделија нивните потреби и барања за унапредување на квалитетот на животот во ова населено место, но и генерално како да се подобри и како заеднички да креираат град со кој сите ќе се гордеат дека живеат во него.

Подобрување на инфраструктурата, решавање на проблемот со водоснабдувањето и фекалната канализација и рамномерно вложување во сите општини и населени места подеднакво се клучните приоритети и недостатоци за кои побараа итно решавање.

Повеќе нема да има заборавени населби. Скопје денес има населени места кои беа целосно заборавени од градските власти во овие четири години, а живеат во субстандардни услови, како што се Љуботен, Љубанци, Радишани и сите останати општини не само во општина Бутел, туку и генерално во градот. Ќе почнеме со решавање на проблемите уште од првиот ден. Јас сум човек што доаѓа од народот и ќе работам на исполнување на барањата токму на народот и заедно со нив да го направиме Скопје подобро место за живеење. Токму тоа е мојот врвен приоритет – порача Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Скопје на средбата со граѓани во Бутел.

Арсовска дополнително се осврна и зборуваше за потребата скопјани и бутелчани да живеат во убав град и средени населени места, а покрај обезбедување на основни услови за живот, ќе овозможат гасификација на домаќинствата и инвестирање во нови сообраќајни решенија.

Доколку сакаме модерен и европски град, со чиста и здрава животна средина тогаш предуслов е на граѓаните да им овозможиме гасификација за секое домаќинство со субвенционирање на приклучокот за истиот, а дополнително за овој дел од Скопје ќе овозможиме внатрешна обиколница која ќе ги поврзува Гази Баба и Бутел со останатите населби. Тоа е новиот булевар „Хрватска“,што исто така беше ветен, но не беше реализиран од актуелниот градоначалник во заминување, а ние ќе го направиме – рече Арсовска.