Поранешниот градоначалник на Скопје и висок функционер на СДСМ, Петре Шилегов, изјави дека исходот од претстојниот конгрес ќе биде клучен за партијата, оценувајќи дека неговиот евентуален успех би значел верификација на, како што рече, погрешни политики на луѓето кои се наоѓаат во раководството на СДСМ.
Тој посочи дека ова е трет конгрес по ред поврзан со сериозни проблеми, при што еден бил неуспешен, а еден воопшто не бил одржан, додавајќи дека не е сигурен како ќе заврши и овој.
Шилегов потсети дека СДСМ немала отчетен конгрес по поразот на локалните избори во 2021 година, иако според статутот таков конгрес требало да се одржи по тие избори. Како што наведе, конгрес не бил одржан ниту по парламентарните избори, а сега се пристапува кон одржување на конгрес без исполнување на потребните процедури.
Според неговите информации, до делегатите на конгресот и до општинските организации не биле доставени конгресни материјали, предлог-заклучоци и предлог политички одлуки кои треба да се разгледуваат и усвојуваат.
– Според статутот, општинските организации треба да ги разгледаат тие материјали, да донесат свое мислење и да ги задолжат делегатите да заземат став – изјави Шилегов.
Тој нагласи дека без одржан Централен одбор во функција на подготовка на конгресот и без доставена документација до општинските организации и делегатите, не може да стане збор за суштинска дебата на конгресот.
– Очигледно е дека одлуките се донесени во тесен круг на луѓе, а тоа што ќе се случи во сабота е резултат на таа одлука – рече Шилегов.
Тој додаде дека СДСМ во минатото секогаш навремено ги подготвувала своите конгреси и дека документацијата била доставувана на време, додека овој пат, како што рече, требало да се разговара за изборниот пораз од минатата година.
Шилегов истакна и дека од страна на Централниот изборен штаб не бил доставен извештај за локалните избори до Централниот одбор и до конгресот.
– Како ќе се разговара за причините и мерките ако не е доставен извештај за причините за изборниот пораз? – праша тој.
