Завршени дисциплинските постапки против двајца затворски полицајци
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, објави дека дисциплинските постапки против двајцата затворски полицајци од Шутка кои му овозможиле телефон на Васил Јованов, лицето кое ја прегази Фросина Кулакова, се завршени.
На заедничка прес-конференција со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, Пандов истакна дека во притворскиот дел на затворот Шутка биле пронајдени 135 мобилни телефони во два последователни претреси.
135 мобилни телефони пронајдени за неколку дена
По откривањето на телефонот кај Васил Јованов, Интервентната полиција извршила претрес во притворскиот дел на затворот. Притоа, во првиот претрес биле пронајдени 70 телефони, а само три дена подоцна биле најдени уште 35 телефони.
„Откако викендот беше пронајден телефонот во Шутка, веќе во понеделникот Интервентната полиција направи претрес во притворскиот дел, при што беа пронајдени 70 телефони. По два-три дена повторно беше направена контрола и беа најдени уште 35 телефони. Вчера, исто така, во полуотвореното и отвореното одделение беа пронајдени над 30 телефони. Овие бројки се алармантни,“ изјави Пандов.
Како изгледа состојбата во другите затвори?
Пандов направи споредба со други затвори во Македонија, каде што ситуацијата е далеку подобра.
„Во понеделникот беше направена контрола и во штипскиот затвор и во затворот во Струмица, каде има околу 110 затвореници, а беа најдени само три телефони“, истакна тој.
Ова, според Пандов, покажува дека затворот во Шутка има сериозен проблем со корупција и недозволена комуникација меѓу затворениците.
Санкции за затворските полицајци – „Ќе завршат зад решетки!“
Пандов испрати јасна порака дека ќе има санкции за сите инволвирани затворски полицајци кои овозможуваат незаконски активности во затворот.
„Има затворски полицајци во Шутка кои не заслужуваат да носат униформа и кои го срамат целиот затворски систем. Сите кои се вмешани во овие активности ќе бидат фатени, избркани од работа и соочени со законски последици. Ќе се потрудам со сиот авторитет кој го имам тие да завршат позади решетки,“ нагласи Пандов.
Тој додаде дека во некои случаи затвореници продолжуваат да раководат со криминални групи и банди од самите затвори, што е сериозен безбедносен проблем.
По овие наоди, останува да се види дали ќе има дополнителни истраги за затворските службеници во Шутка, како и дали ќе следуваат дополнителни дисциплински мерки за спречување на нелегалните активности во затворите.