Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вечерва во соборниот храм „Свети Никола” на свечената академија го врачи орденот „Свети Никола“ постхумно на македонскиот поет и револуционер Ацо Шопов.

Орденот го прими ќерката на револуционерот- Јасмина Шопова, која истакна дека е благодарна што пред се градот во кој е роден Шопов му се заблагодарува на овој начин.

Ацо Шопов е од тука и кој го однесе во светот, прво во Македонија, па во тогашна Југославија, па надвор од границите од Југославија, го однесе на некој начин македонскиот збор, македонскиот поетски збор, надвор од границите и се залагаше многу за афирмација на македонската култура, како во рамките на нашиот регион, така и во светски рамки, рече Шопова.

Штипскиот градоначалник, Јорданов го додели и признанието „Свети Никола” на универзитетскиот професор, Зоранчо Малинов, ученикот Марио Ванчовски, Лина и Драган Костадинов и Ротари клубот – Штип.

Тој во своето обраќање по повод патрониот празник на градот ја истакна важноста на солидарноста помеѓу луѓето.

-Мораме да бидеме пример, да бидеме солидарно, да си помагаме во тешки моменти еден на друг, да бидеме поткрепа без разлика на социјалниот статус и било каква друга определба, рече Јорданов.

Општина Штип со чествување на својот патрон, заштитникот Свети Никола продолжува утре со светата архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан, во сослужение со повеќе Архиереи од МПЦ ОА.

За време на литургијата ќе бидат изнесени на поклонени и дел од светите мошти на „Свети Никола“, потоа ќе има литија, а славскиот колач ќе се подели на верниците на градскиот плоштад „Слобода”.