Што се случува со ПЦР- лабораториите во Македонија? – јавно прашува биоинженерот д-р Горан Кунгуловски, кој забележува недоследности во резултатите од тестирањата за коронавирус на водечките македнски лаборатории.

Во продолжение неговиот став

Ако се анализираат јавно достапните податоци од ИЈЗ и се направи анализа на PCR позитивни резултати од вкупен број на тестови во текот на најсилните бранови на пандемијата, излегува дека има силна неконзистентност и нескладност помеѓу PCR лабораториите во Македонија. Aко ги земеме последните девет дена кога букна омикрон сојот во Македонија, ќе утврдиме дека една група на лаборатории меѓу кои и референтната ИЈЗ-Вирусологија имаат стапка на позитивни PCR тестови од ~22-35%, додека некои други лаборатории имаат стапка на позитивни PCR тестови од 0.5-3.5%. Што можат да бидат причините за нескладност од 10-44 пати помеѓу лабораториите?, напиша д-р Кунгуловски на Фејсбук.

Тој ги анализира можните причини за големите разлики во резултатите.

Едната група на лаборатории имаат далеку посензитивни тестови од другата група на лаборатории? Едната група на лаборатории не зема соодветно материјал за анализа, при што се јавуваат лажно негативни резултати. Eдна група на лаборатории тестира исклучиво симптоматски пациенти или пациенти коишто имале контакти со потврдени позитивни случаи, а додека пак другата група тестира пациенти коишто патуваат (тековно кај произволна популација PCR позитивитет треба да биде некаде меѓу 2-5%). Се случува нешто што не би сакал ни да го помислам, пишува д-р Кунгуловски.

Тој напомнува дека во анализите не се вклучени сите лаборатории што извршуваат PCR тестови, како и дека позитивните од Жан Митрев Струмица се пријавуваат преку Жан Митрев Клиник во МојТермин. Д-р Кунгуловски вели и дека додатни анализи треба да се направат и за претходните бранови, но и тогаш се појавуваат слични трендови.