Во Швајцарија денеска ќе се гласа на референдум за тоа дали глобалните стриминг сервиси треба да ја поддржат швајцарската филмска индустрија и за зголемување на средствата за европската гранична агенција Фронтекс, пренесуваат агенциите.
На обврзувачки референдум за т.н. Лекс Нетфликс, гласачите ќе одлучат дали меѓународните стриминг латформи мора да инвестираат четири отсто од приходите што ги остваруваат во Швајцарија во локалната филмска индустрија, како што прават швајцарските радиодифузери од 2007 година.
Покрај тоа, 30 проценти од содржината на стриминг платформата ќе мора да бидат филмови и серии произведени во Европа, како што мора да биде во ЕУ. Според последните анкети, законот би можел да помине со тесно мнозинство гласови.
Противниците на законот, поддржани од владата и парламентот, велат дека тој може да ја намали понудата на глобална содржина и да ги поттикне стриминг сервисите да ги зголемат цените.
Швајцарското Министерство за култура го отфрла овој аргумент, посочувајќи го примерот на Франција, каде што воведувањето инвестициска обврска до 25 отсто од приходите не доведе до зголемување на цените.
Филмската продукција во Швајцарија во последните години добила 105 милиони швајцарски франци. Доколку новиот закон биде усвоен, секторот ќе добива нови 18 милиони франци секоја година, соопшти Министерството.