Говорејќи во Пекинг, Си рече дека Кинезите имаат „величествена традиција“ на спротивставување на сепаратизмот.

– Независниот сепаратизам на Тајван е најголемата пречка за постигнување обединување на татковината и е најсериозната скриена опасност за националното подмладување, рече тој на годишнината од револуцијата што ја собори последната царска династија во 1911 година.

Мирното „обединување“ е најдобро за севкупните интереси на тајванскиот народ, но Кина ќе го заштити својот суверенитет и единство, додаде тој.

– Никој не смее да ја потцени цврстата решеност на кинескиот народ, силната волја и силната способност да го бранат националниот суверенитет и територијалниот интегритет, рече Си, кој додаде дека историската задача за целосно обединување на татковината мора да се исполни и дефинитивно ќе се исполни.

Кабинетот на претседателот на Тајван денеска објави дека иднината на тој остров е во рацете на граѓаните и дека јавноста многу јасно го отфрла кинескиот модел „една земја, два система“.

Тајванскиот совет го повика официјален Пекинг да се откаже од своите „провокативни дејствија и упади, малтретирање и уништување“.

И двете соопштенија се одговор на пораките испратени од кинескиот претседател Си.