Порака од Криволак за европските стандарди

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од армискиот полигон Криволак порача дека Европската Унија треба да ги применува Копенхашките критериуми со истата строгост како што НАТО ги применува своите стандарди. Таа се обрати на Денот на високи гости на вежбата „Блесок 26“.

Покрај неа, пред присутните говореа и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и претставник од Командата на здружените сили на НАТО во Неапол.

Армијата оценета според високи стандарди

Сиљановска-Давкова истакна дека самото име на вежбата „Блесок 26“ ја отсликува нејзината суштина и резултатите. Таа нагласи дека преку оценувањето и презентацијата е потврдено дека македонската лесна пешадиска единица ги исполнува високите НАТО стандарди за стручност, подготвеност и посветеност.

Според неа, успехот не е резултат на поединци, туку на целокупниот систем – раководството на армијата, Министерството за одбрана и најмногу самите војници, што ја потврдува компатибилноста со армиите во рамките на НАТО.

Критика за двојни стандарди во ЕУ

Таа посочи дека при оценувањето според јасни стандарди нема простор за импровизации – резултатите се или исполнети или не. Во тој контекст, нагласи дека доколку Македонија се оценува исклучиво според Копенхашките критериуми, резултатите би биле поинакви.

Претседателката предупреди дека постоењето двојни стандарди и оценување според интересите на други држави претставува сериозен проблем. Таа истакна дека европските стандарди треба доследно да важат во сите институции, со акцент на владеење на правото, поделба на власта и почитување на човековите права, како и на националниот и културниот идентитет.