Ова е историски ден не само за мене туку и за сите нас во државата, бидејќи претседател на Швајцарија е во прва официјална посета на нашата држава истакна денеска Претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова по приемот и посетата на претседателот на Швајцарија Ги Пармелан.
Претседателката Силјановска-Давкова истакна дека денешната посета на Пармелан значи дека тој на Западен Балкан му придава големо значење од една страна и како што рече „второ тоа е потстрек за македонско-швајцарските односи“. Посочи дека Швајцарија е инспирација во поглед на демократијата, како и дека има развиена партиципативна политичка култура, развиена локална самоуправа, форми на директна демократија од кои може да се учи.
– Зошто е за нас важна, бидејќи се работи за еден успешен пример на мала федеративна, повеќејазична држава, во која што разликите се надминуваат со знаење, со граѓански капацитет, со компететност и се разбира со постојана активност. Констатиравме дека бележиме напредок во дијалогот. Зошто? Бидејќи тој е заснован на почит и имаме намера во истиот дух да продолжиме особено во рамките на ОБСЕ, бидејќи во овие тешки времиња, како што знаете Швајцарија застана на чело на ОБСЕ. Но исто така и во Обединетите нации и исто така и во Советот на Европа. Мирот и безбедноста ни се главните заложби и многу пати сум рекла дека за малите држави мултирателаризмот е решението, а тој вирее во стабилните меѓународни институции-рече Силјановска-Давкова.
Претседателот на Швајцарија Пармелан изрази жалење што долго време се чекало за првата посета на Швајцарија во Македонија, но како што рече може да се гледа и на оваа посета како на знак за добар развој на односите во неколку одминати години.
-Швајцарија и Македонија се земји обележани со долгогодишна традиција на фурикултуралност. Тоа значи дека нашата заедничка соработка, разговор и дијалог се силни, нашите земји се осудени на некој начин да се борат за нивниот пат и постоење во Европа. Ние, исто така сме поврзани и со Кочани и Кран Монтана. Поврзани сме и со овие две несреќи. Сакам да ве потсетам и да се заблагодарам на Македонија поради солидарноста и нивната великодушна понуда на помош и солидарност. Таа солидарност ни даде сила, да ги надминеме овие страшни трагедии. Досега нашите билатерални односи биле одбележани со Програмата за соработка на Швајцарија и присуството на силната дијаспора од Македонија во Швајцарија, која ја засилува разноликоста културна во мојата земја-рече Пармелан.
Претседателот на Швајцарија истакна дека е среќен и чест му е што оваа соработка може да се продлабочи во делот на економијата, инвестициите и иновациите. Потенцираше дека Швајцарија придава огромна важноста на мирот и стабилноста во Западниот Балкан.
Овој регион е приоритет за нашата надворешна политика и среќен сум што гледам дека земјите во овој регион станаа посигурни во себе и постабилни во изминатите години, еве европската интеграција, како што кажа претседателката останува одлучен фактор за мирот и просперитетот во Западен Балкан. Швајцарија одблиску ги следи европските перспективи на овие земји и ги поддржува во мера, која што е наш интерес. Швајцарската Програма за соработка, која што во моментов е предвидена до 2028 година со буџет има за цел да ја поддржи Македонија во патот кон европската интеграција-рече Пармелан.
Претседателот на Швајцарија денеска ќе има средби и со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и со претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши.
