Јапонските власти формираа оперативна група за вонредни ситуации и повикаа на евакуација на населението од погодените подрачја по силниот земјотрес што го погоди северниот дел на земјата.
Премиерката Санае Такаичи изјави дека институциите се во состојба на готовност, додека Јапонската метеоролошка агенција предупреди на зголемен ризик од таканаречен „огромен земјотрес“ – сценарио во кое помал потрес може да предизвика многу посилен удар. Веројатноста за таков развој во наредната недела се проценува на околу 1 процент.
Како потсетување, сличен развој се случи во 2011 година, кога земјотрес од 7,5 степени му претходеше на катастрофален потрес од 9 степени, што предизвика разорно цунами и однесе околу 20.000 животи.
Според Агенцијата за управување со пожари и катастрофи, засега нема пријави за жртви или значителна материјална штета од денешниот земјотрес.
Ниту нуклеарните централи не се погодени, соопшти Агенцијата за нуклеарна регулација, додавајќи дека не се регистрирани аномалии.
Земјотресот со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала е регистриран во близина на брегот на Сенрику, на длабочина од околу 10 километри под дното на Тихиот Океан, со епицентар на приближно 100 километри од копното.
По потресот беше издадено предупредување за цунами. Во пристаништето Куја е регистриран бран од околу 80 сантиметри, а властите предупредија дека е можно појавување на бранови високи до три метри.
Поради ризикот, на околу 128.000 жители им беше препорачано да се оддалечат од крајбрежјето.
Предупредувања за цунами се издадени и за префектурите Ивати и Аомори, југоисточниот дел на Хокаидо, како и за бреговите на Мијаги и Фукушима.
Големите земјотреси, со јачина меѓу 7 и 7,9 степени, можат да предизвикаат сериозни оштетувања и да се почувствуваат на голема оддалеченост, понекогаш и до 250 километри од епицентарот, а често се поврзани и со појава на цунами. Годишно во светот се регистрираат меѓу 10 и 20 вакви потреси.
