Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими Никица Мојсоска Блажевски, извршен директор на Македонија 2025, Мајкл Чкламовски претседател на Одборот на директори и членовите на одборот Невенка Димитрова, Џон И. Битов, Мајк Зафировски и Митре Кутановски, на меѓународната невладина организација, по повод одржувањето на 13. издание на Самитот Македонија 2025.
На средбата, претставниците на Македонија 2025 упатија честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова, посакувајќи ѝ успешно извршување на функцијата.
Можноста за поголема координација и подлабока соработка меѓу дијаспората и матичната држава за остварување на националните интереси, дома и во светот, беа меѓу главните теми на разговорот.
Соговорниците ја информираа претседателката Сиљановска Давкова за целите на дводневниот самит, во чијшто фокус се стратешкото лидерство во ера на брзи промени и иновации, дигиталната трансформација и поголема регионална соработка како основа за создавање на просперитетни економии. Учесниците имаат можност да разменат искуства и за потенцијалите на вештачката интелигенција, дигиталните здравствени иновации, како и за демократските аспекти и слободата на говорот во ера на дигитализација.
Во таа насока беа нагласени очекувањата од придобивките на годинашниот самит што ќе обедини над 450 учесници и околу 50 експерти од бизнис и научната заедница од повеќе држави, овозможувајќи вмрежување и соработка со потенцијални инвеститори.
Претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за континуираниот придонес на Македонија 2025, чиишто иницијативи, проекти и активности поттикнуваат позитивни процеси во согласност со приоритетите за одржлив раст и развој во земјава, регионот и пошироката глобална заедница. Во тој контекст ја нагласи нејзината заложба за идна плодна соработка со организацијата.