ДКСК, при повторната расправа, го уважи како основан приговорот поднесен од професор д-р Гордана Силјановска-Давкова за незаконското распишување конкурс за прием на нови питомци во Академијата за судии и обвинители насред предизборието – дознава Радио Лидер од извори во ДКСК.

Во одлуката на ДКСК се наведува дека согласно постојното македонско законодавство, за време на изборниот процес не може да се започне постапка за вработување нови лица во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
ДКСК заклучи дека Академијата не оправдала дека се работи за случај на итни и неодложни работи за да спроведе постапка за вработување во време на избори.

– Денешната расправа ја одбележа недоличното однесување на претставниците на Академијата за судии и обвинители пред ДКСК кое ги помина границите на пристојноста, добриот вкус и почитта кон институциите – вели нашиот извор од ДКСК.

Како што дознаваме, раководителката Габер предничела во недоличното однесување, небаре е навивач на натпреварот Горно Коњари – Куманово а не тутор кој треба да ги образува идните судии и јавни обвинители.