Американскиот милијардер Џорџ Сорос му го предаде управувањето со својата Фондација Отворено општество (ОСФ) на својот син Александар Сорос, објави Гардијан.

Џорџ Сорос, претходно изјави дека не сака неговата фондација да ја преземе ниту едно од неговите пет деца, но сепак, тој го назначи Александар за директор на една од најбогатите светски филантропски фондации.

„Тој тоа го заслужи“ – изјави Сорос, чие богатство се проценува на 6,7 милијарди долари.

37-годишниот Александар, кој беше ангажиран во ОСФ уште во декември, во интервју за „Волстрит журнал“ изјави дека е „повеќе вклучен во политиката“ од неговиот татко и дека планира да продолжи да донира пари за левичарските кандидати во САД.

Сорос е еден од најголемите донатори на демократските кандидати во американската политика.

Александар, кој твитна фотографија со американската потпретседател Камала Харис претходно оваа недела, сега води политичка кампања како претседател на политичкиот комитет на неговиот татко.

Фондацијата, каде Александар е потпретседател од 2017 година, насочува околу 1,5 милијарди долари годишно на групи кои ги поддржуваат човековите права и градењето демократија.