Најавени жестоки напади

„Решени сме да ја уништиме оваа инфраструктура. Нема да дозволиме Хезболах да се насели на овие места во иднина. Ќе продолжиме да им нанесуваме тешки штети во сите области во Бејрут, во Либанската долина и во Јужен Либан“, изјави Херзи Халеви, началник на Генералштабот на Израел.

САД ја следи ситуацијата

На другата страна од сината линија, гранатирана Хаифа. Израелската одбрана тврди дека пресретната и непријателски авиони кои пристигнале од исток. Од Вашингтон ја следат ситуацијата. Дадоа поддршка за копнениот упад, иако велат-нивна цел е прекин на огнот и дипломатска резолуција.

„Сметаме дека е соодветно Израел во овој момент да ги изведе терористите пред лицето на правдата и со овие ограничени упади да го потисне Хезболах назад од границата. Ја следиме ситуацијата и ќе видиме како ќе се одвива, на крајот од денот, нашата цел е дипломатска резолуција-онаа што беше усвоена од Советот за безбедност на ОН, а никогаш целосно спроведена. Тоа би довело до безбедност на двете страни од границата и можност либанските и израелските цивили да се вратат во своите домови“, рече Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Се огласи и Хезболах

Хезболах соопшти дека успешно го одбиваат пробивот на израелските сили. Обвинија дека Израел напаѓа цивилни цели, кршејќи го меѓународното право. На иста линија и либанскиот министер за здравство.

„Ова е воено злосторство, нема сомнеж за тоа. Аргументот дека некои автомобили или болници имале оружје или нешто друго, тоа се стари лажни аргументи што ги слушнавме претходно во Газа“, изјави Фирас Абијад, министер за здравство на Либан.

Во исчекување на одлуката на Израел за одговорот на нападот со балистички ракети од Иран и стравот од проширување на конфликтот во сеопфатна војна, САД на став дека таа може да биде избегната.

„Не верувам дека ќе има сеопфатна војна. Мислам дека можеме да го избегнеме тоа, но има уште многу да се направи“, нагласи Џозеф Бајден, претседател на САД.

Повици за прекин на огнот

Шефот на европската дипломатија упати силен повик нуклеарните капацитети да не бидат цел на конфликти. Повика на прекин на огнот.

„Овие напади се крајно опасни и имаат сериозен потенцијал да создадат последици од непроценливи размери. Единственото решение по 7 октомври е прекин на огнот во Газа. Стоп за нападите врз палестинското население на Западниот Брег, вклучувајќи го и Ерусалим и прекин на огнот во Либан“, истакна Жосеп Борел, шеф за безбедност и надворешна политика на ЕУ.

Во истовреме, цените на суровата нафта скокнаа по ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток и сугестиите на претседателот Бајден дека Израел е можно да изврши напад врз иранските нафтени постројки.