Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет истакна дека Предлог-буџетот за 2027 година претставува документ што јасно укажува на стабилизацијата на домашната економија, нејзиното постепено закрепнување, како и домаќинскиот пристап во водењето на државните финансии.
„Предлог-буџетот за 2027 година, не е само обичен финансиски план на приходи и расходи. Ова е хируршки прецизен макроекономски рез кој треба да ја одвои ерата на економските илузии, популизмот и неодговорноста, од новата фаза на макропруденцијална реалност, фискална консолидација и одржлив развој. Овој буџет е нашиот институционален одговор на сите лажни наративи и демагогии“, рече Јаревски.
Обраќајќи им се директно на пратениците од опозицијата, тој остро ја критикуваше нивната досегашна економска политика и перцепција за социјалната помош во општеството.
„Колеги од опозицијата, вашата дефиниција за социјална држава е или печатење пари без покритие или задолжувања на државата за да делите пари како милостина и социјална помош пред избори за да се купат гласови. Нашата дефиниција е систем кој генерира економско достоинство“, изјави Јаревски.
Во своето излагање, пратеникот се осврна на конкретните ставки во Предлог-буџетот за 2027 година, нагласувајќи дека се предвидени 2,9 милијарди денари за активни мерки за вработување, што претставува раст од над 20 проценти во споредба со претходната година, додека за пензии се издвоени 123,8 милијарди денари за сигурна и редовна исплата.
„Искрени ли сте кога постојано зборувате за работнички права? Во овој Буџет, предвидени се 2,9 милијарди денари за активни мерки за вработување, ова е раст од над 20% во однос на лани. Ова не е милостина, ова е реална шанса за младиот човек да се обучи, да биде конкурентен на пазарот на трудот, да отвори сопствен бизнис и да остане тука, во Македонија“, истакна Јаревски.
Тој понатаму додаде детални информации за финансирањето на пензискиот систем и сигурноста на исплатите кон највозрасните граѓани.
„Овој Буџет, издвојува историски 123,8 милијарди денари само за пензии. Ова е 5,6 милијарди денари повеќе од лани. Редовни, сигурни, законски усогласени пензии. Не празни ветувања, туку реални пари на нивните трансакциски сметки“, посочи Јаревски.
Во делот на здравствената заштита, Јаревски потенцираше дека се предвидени сериозни инвестиции во опремување на јавните здравствени установи и обнова на возниот парк на итните служби.
„Вкупната здравствена заштита во Буџетот достигнува 58,7 милијарди денари, што е раст за 2,8 милијарди. Само за медицинска опрема на јавните здравствени установи ќе се издвојат 198 милиони денари, а за нови медицински возила зголемувањето е дури 65%“, наведе Јаревски.
На крајот од своето обраќање, тој упати уште една политичка порака до опозициските претставници во законодавниот дом.
„Социјалната правда, колеги, не се брани со статуси на Фејсбук и со марксистички памфлети од минатиот век. Социјалната правда се брани со стабилен буџет, со инвестиции кои носат 3,8% реален раст и со најниската инфлација во регионот. Тоа е разликата меѓу вашиот евтин популизам и нашиот економски патриотизам“, порача Јаревски.
