Системот „Мое осигурување“ на Фондот за здравство е вратен во функција по двонеделниот сајбер-напад поради кој податоците не беа достапни. Лекарите утрово велат дека веќе можат да го користат.

„Утрово пред осум часот се обидов и успеав да го отворам. Податоците беа достапни, но за кратко пак станаа недостапни. Имаше такви падови но сега веќе се надминати и ‘Мое осигурување’ се отвора без проблем“ , вели лекар од Скопје.

Од Фондот очекуваат системот „Мое осигурување“ целосно да биде ставен во функција до крајот на денот. Исплата на плати и боледувања нема оти на враќање на тој системот сè уште се работи.

„ ФЗОРСМ активно работи и на системот за исплата на плати, породилни боледувања и други рефундации. Очекуваме во текот на денешниот ден враќање и на останатите системи“, велат од Фондот.

Во петокот Фондот за здравство им даде рок до денес на сите јавни здравствени институции да достават документи за исплата на плати за да можат во текот на оваа недела да ги исплатат платите за јануари.

И здравствените работници му дадоа рок на Фондот до денес да ги исплати платите кои законски треба да бидат исплатени до 15 во месецот. Дел од вработените во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, за денес најавија мирен протест во дворот на болницата поради доцнењето на платите, а в среда, без разлика дали ќе им бидат исплатени платите дотогаш, на протест ќе излезат и здравствените работници од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.