Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, повторно упати силна критика кон европските лидери и повика Брисел и Киев без двоумење да го прифатат американскиот мировен план за Украина. Според него, секое одложување го зголемува ризикот и ја продлабочува кризата во Европа.
Во својата изјава, Сијарто оцени дека „безусловната и целосна поддршка за американскиот мировен план е единствено прифатливо однесување за сите европски политичари“, додавајќи дека секој обид за избегнување на ова решение води кон уште поголема неизвесност.
Тој предупреди дека влошувањето на ситуацијата е забележливо на повеќе нивоа – од растечкиот ризик од ескалација и загрозената европска безбедност, до економските последици, хуманитарната состојба и сè потешката позиција на Украина кога станува збор за зачувување на територијалниот интегритет.
– „Нема да биде подобро бидејќи ситуацијата се влошува секој ден“, порача унгарскиот министер, додавајќи дека „не постои ниту еден аспект што би можел да се подобри“ додека конфликтот продолжува.
Сијарто ги критикуваше и европските лидери, тврдејќи дека тие се насочени кон тоа да го „нарушат, саботираат и оневозможат“ планот на американската администрација, наместо да работат на забрзување на процесот за постигнување мир.
Според него, одолговлекувањето може да има сериозни последици за Европската Унија, додека за Украина ситуацијата веќе дошла до точка каде што, како што вели, прифаќањето на мировниот план би можело да биде „единствениот преостанат пат за избегнување уште потежок исход“.
