Напаѓачот на фудбалскиот клуб Тенерифе, Хесус де Мигуел, почина утрово на 30-годишна возраст по тежок инцидент на теренот.
Несреќниот фудбалер доживеа срцев удар за време на првенствениот натпревар против екипата на Андора откако врз него беше извршен брутален напад од противничкиот чувар на мрежата Хесус Овоно. Голманот со потекло од Екваторијална Гвинеја без никаква потреба истрча кон средишниот дел на теренот, каде што директно го фаулираше Де Мигуел со коленото во телото, по што напаѓачот доживеа срцев застој и подоцна им подлегна на последиците.
Посебно згрозување и гнев кај фудбалската јавност предизвика постапката на голманот во моментите додека медицинските служби се обидуваа да го спасат животот на неговиот колега. Камерите на стадионот забележаа дека Овоно воопшто не покажуваше загриженост за настраданиот фудбалер, туку со бавен од се упати кон тунелот и соблекувалните, влегувајќи во вербална расправија со навивачите на трибините.
Видеоснимките од неговото однесување предизвикаа остри осуди во спортската јавност, додека целиот фудбалски свет жали за прераната смрт на Де Мигуел. По инцидентот голманот целосно ги деактивираше своите профили на социјалните мрежи, а шпанските медиуми јавуваат дека тој најверојатно ќе се соочи и со сериозни кривични пријави пред судските органи.
Поради фаталниот исход и смртта на фудбалерот на Тенерифе, на голманот му се заканува затворска казна во траење до четири години доколку обвинителството поведе официјална постапка против него.
Од неговиот клуб излегоа со тврдење дека играчот немал намера намерно да го повреди Де Мигуел и дека има желба лично да им се извини на семејството и клубот за трагичниот настан.
По серијата тешки критики, спортската кариера на 25-годишниот чувар на мрежата е сериозно доведена во прашање и постои реална можност тој повеќе да не застане на фудбалските терени.
Овоно настапува за екипата на Андора од 2025 година, а во својата претходна кариера беше дел од составите на Алавес и Сан Игнасио. Тој е стандарден репрезентативец на фудбалската селекција на Екваторска Гвинеја, за која досега има забележано 47 официјални настапи.
