Рекордни цени на становите на охридското крајбрежје – цената достигнува до рекордни 4.000 евра по квадрат

Цените на становите во Охрид бележат историски врв, достигнувајќи и до 4.000 евра за квадратен метар на најпосакуваните локации, како крајбрежјето и центарот на градот. Во останатите делови, како Охридати, Билјанини Извори и Воска, цените варираат од 1.200 до 1.500 евра. Постарите станови, во зависност од состојбата и местоположбата, се продаваат од 1.000 евра по квадратен метар.

Експертите за причините зад порастот на цените

Пазарот на недвижности во Охрид се соочува со растечка побарувачка, што доведе до значително зголемување на цените во последните неколку години.

  • „Во последните четири години, цените на становите во Охрид речиси се дуплираа, што е резултат на неколку фактори. Растот на цените на градежните материјали, инфлацијата и ограничената понуда значително придонесоа за оваа ситуација. Денес, побарувачката е далеку поголема од понудата, што дополнително ги турка цените нагоре“, објаснуваат агенти за недвижности.

Најбарани станови и профил на купувачи

Најголема заинтересираност има за станови со површина од 30 до 50 квадратни метри, кои се купуваат не само за живеење, туку и за викенд престој или туристичко изнајмување.

„Секој мал стан што е добро лоциран, особено во близина на Охридското Езеро или во туристичките зони како Свети Стефан и Пештани, се продава со рекордна брзина. Овие станови се исклучително атрактивни и за домашни и за странски купувачи, кои најчесто ги користат за краткорочен престој“, велат експертите за недвижности.

Кои купуваат најмногу?

Главни купувачи се граѓани од Скопје, иселеници и странци, особено Холанѓани, Германци и Скандинавци, кои гледаат Охрид како идеално место за втор дом. Голем интерес има за становите и од луѓе од дијаспората. Оттаму нагласуваат кои се најпримамливи колации.

„Интересот за купување недвижности во Охрид кај странските граѓани е огромен. Посебно привлечни се куќите во стариот дел на градот, каде што цените можат да достигнат и до 3.000 евра по квадратен метар, зависно од локацијата и погледот што го нудат“, нагласуваат агентите.

На оваа тема нашата редакција пишуваше пред неколку дена.

Рекордни 4.000 евра за метар квадратен: Цените на недвижностите во Охрид вртоглаво растат

Луксузни комплекси дополнително ја зголемуваат побарувачката

Покрај традиционалните станови, во Охрид во последно време се градат и луксузни резиденцијални комплекси на ексклузивни локации, што уште повеќе ја поттикнува побарувачката и ги зголемува цените на пазарот на недвижности.

„Новите луксузни комплекси привлекуваат купувачи со подлабок џеб, кои се подготвени да платат значителни суми за квалитетен стан со поглед кон езерото. Ова дополнително го турка пазарот кон нагорен тренд“, потенцираат градежни инвеститори.