Министерството за животна средина и просторно планирање согласно Законот за квалитет на амбиентален воздух е одговорно за прогласување на алармантна состојба за квалитетот на воздухот по што се активираат и акционите планови за намалување на загаденоста на воздухот.
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) денеска соопшти дека се активира мерката бесплатен јавен превоз, поради загадениот воздух, односно надминувањето на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри.
„Мерката започнува да се применува од 26.12.2022 година, па се до завршување на алармантната состојба, што ќе биде објавено од надлежното министерство согласно резултатите од државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух“, велат од ЈСП Скопје.
Градот Скопје превзема мерки предвидени со акционите планови за справување со алармантна состојба од загадување на амбиенталниот воздух.
По известување за алармантна состојба од страна на Министерството, градот Скопје превзема мерки во рамки на своите надлежности:
– зголемени вонредни инспекциски контроли на Б инсталации и инсталации елаборати кои се во надлежност на град Скопје
– зголемени вонредни инспекциски контроли на градилишта.
– зачестено чистење на улиците и пешачките зони во надлежност на градот
– активирање на мерката бесплатен јавен превоз
Овие активности се спроведуваат се до завршување на алармантната состојба за што известува Министерството за животна средина и просторно планирање.