Во Скопје утринава повторно во воздухот има високи концентрации на опасни честички. Главниот македонски град утрово пак е меѓу најзагадените градови во светот, покажуваат податоците на сајтот за мерење на квалитетот на воздухот „IQ Air“.

Скопје се наоѓа на 4. место на светската листа со индекс на загаденост 187. Пред Скопје се Дака, Лахор и Делхи.

Густата магла и високиот процент на PM2.5 честички се проблем особено за хронично болните лица, децата и постарите.

Утринава воздухот е загаден и во други градови – Струмица, Гостивар, Тетово и Кочани.

Препораките на здравствените работници во вакви околности е да се избегнува подолг престој на отворен простор, повеќе да се поминува време во затворени простории особено онаму каде што има прочистувачи на воздух.