Кога одите со гол популизам на расфрлање пари и заради избори тоа е како со свој камен по своја глава и сега мора да ги трпите последиците. Да видеа нешто од минатото ќе можеа да предвидат што ќе се случи. Никој не треба да е против зголемување на плати, просветните работници штрајкуваат за статус и достоинство. Гледаме закани до директорите, наставниците и ќе бидеме подалеку од целта образованието да биде движечка сила, изјави Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во „Утрински брифинг“.
Славески истакна дека кога ќе слушнете од Ковачевски дека историско постигнување било покачување на минимална плата, а се противи на зголемување на сите останати плати во државата, во тој случај постои причина за загриженост, и затоа е добро што ММФ да има контрола како се трошат буџетските средства, бидејќи има инфлација, а економијата нема резултати.
– Кога се изгуби контрола на буџетските средства потребни за поддршка на граѓаните и економијата заради енергетската криза и драматичниот пораст на цените на енергенсите и сите други издатоци поврзани со заштита на стандардот на граѓаните значи дека има притисоци врз буџетот, но најверојатно со крај на април ќе се потроши 40% од предвидените буџетски дефицит за цела 2022 година, нагласи Славески.
Тој посочи и дека барањата за повисоки плати во јавноста предизвикани од порастот на минималната плата значат дополнителен притисок врз фискалната политика и тука ќе биде фокусот на ММФ, додека за жал во реализацијата на капиталните инвестиции е многу слаба и тие ќе бидат повторно жртва на кратењето на средства.