– Јас не би рекол дека биле лути противници, најверојатно немаше соработка во изминативе девет месеци, од причини нели кои што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги кажа тој период од пред девет месеци. Видете, мислам дека не е единствен мотив за такво инстантното прифаќање на барањето за средба на претседателот Пендаровски, дискусија нели околу осудените за настаните од 27-ми април 2017-тата година. Ние имаме парламентарен систем во Република Македонија тоа е познато, и претседателот има релативно ограничени ингеренции, неговите ингеренции се во надворешната политика, одбраната и безбедноста итн. Република Македонија е длабоко поларизирана држава, поларизирано општество, по некогаш и по етнички линии, но ова нетрпение меѓу самата мнозинска етничка заедница да речам меѓу Македонците која што со години ескалира можеби е нешто што го загрижува господинот Пендаровски. А, тоа е безбедносно прашање. А, безбедносните прашања се нели по дефиниција во надлежност на претседателот, истакна Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во „Утрински Брифинг“.
Славески додаде дека токму на состанокот помеѓу Мицкоски и Пендаровски ќе се дискутира околу сите можни начини за намалување на тензиите и намалување на поларизацијата во општеството која што многу не чини сите нас.
– Инаку ставот за ова прашање во врска со судените за настаните од 27-ми април 2017-тата година на партијата е познат, мислам ние не наоѓаме причини тие да бидат судени како терористи и терористичко загрозување на уставниот поредок за тоа што меѓународните дефиниции за тероризмот и ова другата квалификација се многу различни од она што беше дефинирано од страна на нашите судски надлежни институции, рече Славески.
Според него, средбата е охрабрувачки потег од кој што ќе има реални и видиливи ефекти во намалување на поларизацијата во македонското општество.