Лидерот на СДСМ Зоран Заев синоќа по завршувањето на Извршниот и на Централниот одбор на партијата, во изјава за медиумите потврди дека останува на функциите за да помогне во одржувањето на парламентарното мнозинство со цел истото да се зголеми.
– Денеска имаме сугестии од Централниот одбор за одложување на оставките. Ниту моите оставки се дискутираат, ниту се одлучува по моите оставки од единствена причина што кога ги најавив на 31-ви вечерта потврдив дека останувам овде за да помогнам да се одржи парламентарното мнозинство и ако може да се зголеми и таква е одговорноста кон државата и целиот наш народ и логично е да бидам посветен на овој процес. Немам ништо друго дополнително да додадам затоа што претседавачот на Централниот одбор ги соопшти одлуките на Централниот одбор и даде одговор на сите прашања. Важно е државата да не се врати повторно во минатото на кавги и дома и надвор, да ги загрози евро-интеграциските процес, секако важно е поради тоа што сме во време на пандемија сѐ уште, енергетска криза, денеска владата носеше сериозни одлуки за сите овие прашања, одговорноста на секој граѓанин но и на политичарите опстојува – рече Заев.
Тој потврди дека станува збор за одложување на оставките заради обид да се сочува парламентарното мнозинство на страната на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.– Искрено очекувам дека парламентарното демократско мнозинство ќе се стабилизира, пред сѐ тоа што е ориентирано за евроатлантскиот пат, тоа што е ориентирано за мултиетничкото општество, тоа што е ориентирано за држење на добрососедските односи и тоа што е ориентирано кон позитивните реформи во државата и затоа се овие напори. Уште еднаш напоменувам вечерта на 31-ви кога ги објавив оставките од двете функции реков останувам периодот за да се посветам, да помогнам во одржувањето на парламентарното мнозинство, ако може тоа парламентарно мнозинство и да порасне. Деновите се пред нас секако тоа ќе го дознаеме сите – додаде Заев.
На прашањето од новинарите како е 10 дена без медиуми Заев одговори:
– Слободата е прилично убава работа.