Словенија е „магнет“ за македонските државјани, кои пројавуваат голем интерес за работа и живот во оваа држава.

Словенечките компании кубурат со кадар подолго време, а најбарани се медицински лица, возачи и општи работници, пренесува Канал 5. 

Нашите граѓани на денешниот настан насловен „Живот и работа во Словенија“ имаа прилика одблиску да ги видат понудите на фирмите од Словенија, која е мошне атрактивна и за македонските студенти.

Процедурите за вработување и живот во Словенија се мошне олеснети, појаснуваат работодавците од оваа земја. Тие исто така веруваат дека ќе најдат квалитетен кадар во Македонија.

„Бараме добар и квалификуван кадар за работа во Словенија, кој сме сигурни дека ќе го најдеме во Македонија. Имајќи предвид дека во Словенија потребата за работна сила е голема и затоа овде бараме адекватен кадар. Бараме кадар во здравствени институции, домови за стари, граджеништво, угостителство, транспорт …., изјави, Грегор Прескер, амбасадор на Словенија во Македонија.

„Имаме потреба за возачи од Е-категорија. Нудиме и обука, доколку возачот не е искусен и не нашол работа во Македонија. Обуката трае од еден месец и повеќе, ако е потребно. Имаме одлично искуство со македонските шофери, вредни луѓе, позитивни и уредни луѓе“ – Драган Благојевиќ, вработен во транспортна компанија во Словенија.

На годишно ниво, околу 3800 дозволи за работа во Словенија добиваат македонските државјани, и се очекува таа бројка во иднина значително да расте.